Врховниот суд ги потврди пресудите на Јанкулоска и Груевски за „мерцедесот“

Архивска фотографија - Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на едно од рочиштата за случајот „Тенк“

Врховниот суд ги отфрли жалбите поднесени од осудените во случајот „Тенк“, Никола Груевски, Гордана Јанкуловска и Ѓоко Поповски и ги потврди пресудите изречени од Апелациониот суд, соопшти денеска Врховниот суд.

Во случајот „Тенк“, што го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство, за незаконски тендер за набавка на луксузен „мерцедес“, првостепено беше осудена поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, на затворска казна од шест години, која Апелацискиот суд ѝ ја намали на четири години.

„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека на 17 септември 2020 година, одлучи по предметите кои се оформени по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, поднесени од осудените Никола Груевски, Ѓоко Поповски и Гордана Јанкулоска. Со донесените пресуди Врховниот суд ги одби поднесените барања на осудените, поднесени лично од нивна страна и преку нивните бранители и ги потврди пресудите на Апелациониот суд Скопје“, стои во известувањето на врховниот суд, објавено на неговата интернет страница.

За истиот случај, Апелација, на помошникот во МВР, Ѓоко Поповски, кој со првостепената пресуда беше осуден на затворска казна од шест години и шест месеци, му ја намали на четири години, додека екс премиерот, Никола Груевски доби затворска казна во висина од две години. Тој за време на судењето за случајот избега во Унгарија каде доби азил. Македонскиот министер за правда, Бојан Маричиќ, најави дека се подготвува ново барање за екстрадиција на Груевски.