Потребата на родителите да не одат на работа е беспредметна, одговори Владата

Влада на Република Северна Македонија

Обезбедена е целосна грижа и доволно места за децата во градинките, единствен логичен чекор е родителите да се вратат на своите работни места, велат од Владата, во врска со реакциите на дел од родителите кои досега ја користеа мерката продолжено породилно отсуство.

Последните одлуки на Владата поврзани со пандемијата на коронавирусот не кореспондираат со реалната слика во пракса кога станува збор за градинки, училишта и хронично заболени лица, се жалат засегнатите категории граѓани.

Од Владата денеска реагираат дека се преземени сите мерки за заштита, а градинките се отворени и имаат доволно капацитет, па од тие причини потребата на родителите да не одат на работа „е беспредметна“.

„Со отворањето на установите за згрижување и воспитување деца на 9 септември и анализата која покажа дека градинките имаат капацитет да ги згрижат децата согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување на деца, кој на минимум го сведува ризикот од ширење на вирусот ковид-19, мерката родителите на децата од 0 до 6 години да бидат надвор од работниот процес ја губи смислата. Таа мерка изминатиов период беше на сила затоа што јавните установи за згрижување на деца, односно градинките не работеа“, соопшти денеска Владата.

Дополнително, донесена е и одлука за проширување на капацитетите на групите во градинките од 0 до 2 години, на по 12 деца во група, со што, велат од Владата, јавните установи за згрижување на деца имаат капацитет целосно да ги згрижат децата на мајките кои до сега користеле продолжено породилно отсуство.