Средба Заев - Мицотакис: Грција останува поддржувач во преговорите со ЕУ

Средба во Атина меѓу премиерите на Северна Македонија и Грција, Зоран Заев и Кирјакос Мицотакис. 16.09.2020.

Со договорот од Преспа, Северна Македонија и Грција создадоа модел за успешно решавање на отворените прашања меѓу сосседите, било истакнато на денешната средба во Атина меѓу македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колга Кирјакос Мицотакис, соопшти Владата.

Во соопштението се вели дека двајцата соговорници средбата ја оцениле како значаен и дополнителен придонес за унапредување на односите меѓу двете земји.

Договорот од Преспа двете земји го потпишаа во јуни 2018 година, со што беше ставен крај на долгогодишниот спор за прашањето за името Македонија.

Заев на средбата со Мицотакис нагласил дека со воспоставеното партнерство засновано на доверба и пријателство односите меѓу двете земји се трансформирале во сојузништво кое било потврдено и со членството на Северна Македонија во НАТО.

„Грција останува силен лобист и поддржувач на нашата земја во претстојниот процес на преговори со Европската Унија која треба да започне со првата меѓувладина конференција за време на претседавањето на СР Германија со Советот на ЕУ“, се вели во соопштението објавено од македонската Влада.

Заев во Атина: Од октомври ќе ги решаваме брендовите

Премиерот Заев на 15 и 16 септември е во посета на Грција каде учествува на конференција во Атина во организација на магазинот „Економист“, а на агендата беше предвиден работен ручек со грчкиот премиер Мицотакис, додека претходно тој оствари средба и со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу.

„Економист“ оваа година во Атина ја организираше „24-та тркалезна маса со грчката Влада“ на која се дискутираат темите за справување со пандемијата со КОВИД-19 и потребата од нови здравствени политики, лекциите од менаџирањето со глобалната здравствена криза и влијанието на глобалната и европската економија.

Учесници на конференцијата се повеќе министри од грчката Влада, но и поранешниот француски претседател Франсоа Оланд, амбасадорот на САД во Грција, поранешните претседатели на Црна Гора и Србија, Филип Вујановиќ и Борис Тадиќ, поранешниот премиер на Босна и Херцеговина Златко Лагумџија, како и поранешната министерка за надворешни работи на Грција и актуелна пратеничка од партијата Нова демократија, Дора Бакојани.

На средбата како дел од македонската делегација присуствуваа и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, заменик-претседателот задолжен за европски прашања Никола Димитров, и министерот за надворешни работи Бујар Османи.