Тедрос Аданом Гебрејесус, шефот на Светската здравствена организација (СЗО), предупреди дека Ковид-19 не е последната пандемија и повика на политички и финансиски инвестиции за спречување пандемии. Тој на презентацијата на извештајот на Советот за следење на глобалната подготвеност (ГПМБ) за 2020 година рече дека ова нема да биде последна пандемија или последна глобална здравствена криза.
Советот на ГПМБ е независно тело за мониторинг чија цел е обезбедување подготвеност на глобални здравствени кризи.
„Не знаеме каква ќе биде следната здравствена криза, но знаеме дека ќе дојде. И мора да бидеме подготвени“, рече Гебрејесус, објаснувајќи дека ова не е заплашување, туку повик за акција.
Неговиот говор уследи откако беа потврдени повеќе од 29 милиони инфекции со коронавирус и повеќе од 924.953 смртни случаи ширум светот, според Универзитетот Џонс Хопкинс, додека скоро 19,7 милиони луѓе се опоравиле од Ковид-19.