Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека денеска е регистриран најголемиот дневен скок на бројот на новозаразени со коронавирусот во светот, за 307.930 во еден ден, пренесе новинската агенција Ројтерс.
Според податоците објавени на веб-страницата на СЗО, најголемиот пораст на бројот на заразени е забележан во Индија, САД и Бразил, додека бројот на смртни случаи се зголемил за 5.537 лица, па сега има вкупно 917.417 починати од последици од Ковид-19.
Претходниот рекорден број на нови инфекции во еден ден беше на 6 септември, кога СЗО објави дека има 306.857 новозаразени со коронавирусот. Рекорден број на смртни случаи за еден ден, пак, беше забележан на 17 април, кога 12.430 луѓе починаа од последици од Ковид-19.
Индија вчера забележа 94.372 нови инфекции со вирусот, во САД беа евидентирани 45.523 нови случаи, а во Бразил 43.718. И САД и Индија во последните 24 часа имале повеќе од 1.000 смртни случаи, а Бразил 874.
Анализата на Ројтерс покажува дека бројот на новоинфицирани со коронавирус продолжува да расте во 58 земји во светот, а меѓу нив се Аргентина, Индонезија, Мароко, Шпанија и Украина.