Борел - Европејците ќе ги решат односите меѓу Србија и Косово

Високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел

Високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел изјави дека ЕУ нема да се смета за геополитичка сила доколку не го стабилизира Балканот и не ги реши односите меѓу Србија и Косово.

„Никој друг нема да го стори тоа, само Европејците“, рече Борел во интервју за „Фајненшл тајмс“.

Говорејќи за надворешната политика на ЕУ и настаните во регионот, Борел оцени дека Балканот бил „буре барут“ и дека ЕУ се соочува со најголемата задача – решавање на несогласувања и подобрување на безбедноста во тој дел од Европа.

Лидерите на Косово и на Србија на 4 септември во Вашингтон, во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп, потпишаа договор за економска нормализација. Три дена подоцна, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти се сретнаа во Брисел да ги продолжат разговорите за нормализација на односите со посредство на ЕУ.