ДУИ ќе има петмина заменици министри и петмина државни секретари во владата, а директорските места сè уште не се поделени, рече првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби на денешната прес-конференција во владата. Тој рече дека неговата партија ги добива заменик министерските места во ресорите внатрешни работи, одбрана, транспорт и врски, правда и здравство. Груби изрази надеж дека утре или задутре ќе се знаат и имињата на новите владини функционери.
На прес-конференцијата, тој рече дека негова најважна обврска во новата влада ќе биде спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и обезбедување потполна рамноправност и кохезија за сите граѓани.
Во соработка со министерот за информатичко општество и администрација, Груби рече дека во најкус можен рок ќе обезбедат распоредување на сите вработени во согласност со Охридскиот рамковен договор во државните институции.