Грчката полиција денеска употреби солзавец против мигрантите кои протестираат на островот Лезбос, четири дена по избивањето на пожарот во кој беше уништен бегалскиот камп Морија. Тензиите ескалираа кога неколку стотини мигранти извикувајќи „Слобода“ маршираа кон пристаништето Митилени, кое беше блокирано од полицијата.
Демонстрантите се противат на изградбата на нов бегалски камп, и бараат да бидат пуштени да заминат од Лезбос. Во кампот Морија има скоро 13 илјади мигранти, што е многу повеќе од предвидениот број.
Освен мигрантите, и локалните жители се противат на изградбата на нов камп, па го блокираат патот за да спречат испорака на стоки и намирници.
Сепак, грчката војска веќе почна да поставува нова шаторска населба за мигрантите и бегалците.