Со слоганите „Слобода“, илјадници бегалци и мигранти, кои четврти ден се на улиците на Лезбос, без кров над глава, денеска повторно протестираа со барање да си заминат од островот, додека паралелно, со брз ритам се поставуваат шаторите во новиот, привремен камп, јави дописничката на МИА од Атина.
По двата пожари во Морија, најголемиот бегалски камп во Грција, нешто помалку од 13 илјади бегалци и мигранти сѐ уште се на улиците, а меѓу нив се и 35 лица позитивни на ковид-19.
Исто како и вчера, така и денеска бегалците и мигрантите одржаа протест, барајќи да си заминат од Лезбос, а според локалните медиуми од островот, запалиле дел во близина на Кара Тепе, односно местото каде што ќе биде привремениот камп. Пожарот веднаш бил локализиран.
Шаторите во новиот, привремен камп, веќе се поставени, а не е исклучена можноста уште вечерва да бидат пренесени дел од бегалците и мигрантите, односно семејствата со деца и ранливите групи. Планирано е сите оние што ќе влезат во кампот, да бидат регистрирани и тестирани за ковид-19, како и групирани и сместени според националноста.
Новиот привремен камп, според грчките медиуми, ќе прими околу 3.000 лица. Шаторите се обезбедени од УНХЦР Грција, додека пак од Швајцарија вчера пристигна првата странска помош за Грција, односно за бегалците и мигрантите од Морија.
Во пожари во изминатите неколку дена изгоре голем дел од бегалскиот камп Морија на грчкиот остров Лезбос.