Опозициската ВМРО-ДПМНЕ по вторпат неделава излезе на протест против покачувањето на цената на струјата. Неколку стотини демонстранти и конвој од 20-ина автомобили денеска ја блокираа крстосницата и пристапните улици пред седиштето на Регулаторната комисија во центарот на Скопје.
Владо Мисајловски, во име на партијата и незадоволните граѓани ги пренесе барањата: Враќање на цената на струјата и оставка од членовите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и нејзиниот претседател. Тој рече дека нивните барања не можеле да ги достават до РКЕ, бидејќи таму наишле на затворена врата.
Цената на струјата беше покачена по одлуката на РКЕ пред речиси два месеца, на барање на поголемиот дел од енергетските компании во Северна Македонија. Тоа резултираше со секојдневни граѓански протести во повеќе градови во државата.
Од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ги повикаа граѓаните да им се придружат во протестите и најави дека очекуваат да им се придружат и други организации и здруженија. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека дека ќе излегуваат на протести се до падот, на како што велат, ненародната власт.
Вчера претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, рече дека има разбирање за протестите на граѓаните и здруженијата и го разбира нивното незадоволство од поскапувањето на струјата, но дека протестите на ВМРО-ДПМНЕ ги сфаќа како директен притисок врз работата на РКЕ. Поради тоа, тој им се пожали и на Канцеларијата на Европската унија во Северна Македонија и на Американската амбасада во Скопје.