Дијалогот со Турција е можен доколку веднаш прекинат провокациите, во спротивно се отвора патот за санкции, било истакнато на вчерашната средба на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и францускиот претседател Емануел Макрон на Корзика, соопштија денеска од кабинетот на Мицотакис, јави МИА од Атина.
Грчкиот премиер и францускиот претседател се сретнаа на маргините на состанокот на медитеранските земји од ЕУ, а случувањата во Источниот Медитеран и активностите на Турција биле во фокусот на разговорите. Била констатирана целосна согласност во однос на централната стратегија кон Турција. На средбата, Мицотакис и Макрон исто така разговарале и за перспективата и интересот за стратешките односи.
Турција и Грција се во дипломатски конфликт поради турските истражувања за енергенси во водите на Медитеранот за кои Грција вели дека не се во турски посед. Во случајот се вклучија и дел од лидерите на земјите членки на Европската унија кои ја предупредија Анкара дека може да се соочи со санкции поради овој конфликт.