Американскиот технолошки гигант „Мајкрософт“ соопшти дека хакери поврзани со Русија, Иран и Кина се насочени кон луѓе и организации поврзани со американскиот претседател Доналд Трамп и со неговиот конкурент на претседателските избори, демократскиот кандидат Џо Бајден.
Ова беше објавено синоќа во исто време кога од предизборниот тим на Бајден соопштија дека Мајкрософт ги известил дека демократскиот претседателски кандидат е мета на истите руски хакери кои интервенирале на претседателските избори во САД во 2016 година.
„Она што го видовме е во согласност со претходните обрасци на напади кои не се насочени само кон кандидатите и вработените во кампањата, туку и оние кои ги консултираат за клучни прашања“, рече Том Барт, потпретседател на Мајкрософт во неговиот блог пост.
Американските разузнавачки служби во август изјавија дека Русите го фаворизираат републиканскиот претседател Трамп и дека Кинезите го претпочитаат Бајден, поранешниот потпретседател на САД. Сепак, од Мајкрософт во нивната најнова изјава велат дека „кинеските државни хакери се насочиле кон лица од висок профил поврзани со изборите“, вклучувајќи ги и лицата поврзани со кампањата на Бајден.
Американските разузнавачки агенции и конгресните истражители утврдија дека руското воено разузнавање се мешало во кампањата во 2016 година за да има корист од кампањата на Трамп со хакирање на демократски цели и ослободување на непристоен материјал на Интернет, што Москва го негираше.
- Последен извештај за руското мешање во изборите во САД
- Бајден: Русија сѐ уште се меша во изборниот процес на САД
Експертите велат дека хакери од Кина генерално бараат разузнавачки информации за да добијат економска и политичка предност, додека Москва е насочена кон вооружувањето за да дестабилизира други влади.
Џон Халтквист, директор за разузнавачка анализа во фирмата за сајбер безбедност ФајарАј, изјави за АП дека информациите на „Мајкрософт“ покажуваат дека руското воено разузнавање продолжило да ги следи целите поврзани со изборите и покрај законските обвиненија од страна на американските власти, санкциите и другите мерки.