Српската влада донесе одлука за прекинување на сите заеднички меѓународни воени вежби во следните шест месеци, само еден ден пред почетокот на вежбата Славјанско братство 2020, чиј домаќин е Белорусија. Министерот за одбрана Александар Вулин рече дека одлуката е донесена под силен притисок на Европската унија да не се испраќаат сили во Белорусија, која е опфатена со немири од спорните претседателски избори минатиот месец. ЕУ „побара од нас да ја напуштиме планираната вежба со Белорусија или да ризикуваме да ја изгубиме нашата европска иднина“, рече Вулин.
Како Западен Балкан реагира на настаните во Белорусија?
Вежбата Славјанско братство 2020 требаше да вклучува сили од Белорусија, Русија и Србија. Учесниците требаше да започнат да пристигнуваат во Белорусија на 10 септември, соопшти белоруското Министерство за одбрана. Вулин рече дека Србија нема да учествува во какви било воени вежби со НАТО, Кина, Русија или кој било друг меѓународен партнер за време на шестмесечниот мораториум. Руската агенција ТАСС цитираше портпарол на белоруското Министерство за одбрана дека Минск сè уште не бил официјално информиран за одлуката на Белград.