Нов пожар во мигрантскиот камп Мориа на Лезбос

Нов пожар избувна синоќа во најголемиот грчки камп за мигранти Мориа

Нов пожар избувна синоќа во најголемиот грчки камп за мигранти Мориа на Лезбос, 24 часа по првиот огромен пожар кога беше уништен голем дел од тој центар. Пожарот избувна во делот од кампот кој претходно не беше многу погоден. Следуваа сцени на хаос, семејствата на мигранти во паника започнаа да бегаат од кампот, бидејќи огнот ги зафати нивните шатори. Ноќта меѓу вторник и среда, огромен пожар го уништи кампот, во кој се сместени околу 12.700 луѓе, вклучувајќи и 4.000 деца, што е четири пати повеќе од основниот капацитет на кампот.

Голем пожар избувна во најголемиот грчки камп за мигранти

Вчера беше прогласена вонредна состојба на островот Лезбос, кој има 85.000 жители. Според грчките власти, најмалку 3.500 мигранти и бегалци останале без покрив над главата и биле преземени итни мерки за нивно сместување. Официјални лица изјавија дека пожарите биле подметнати од лути жители на логорот поради мерките за изолација воведени кога 35 лица биле позитивни на коронавирусот. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изрази „длабока тага“ и истакна дека ЕУ е подготвена да и помогне на Грција.