Талир: Силјан Мицевски тврди дека лично носел пари кај Груевски

Архивска фотографија - Бизнисменот Силјан Мицевски пред Суд во Скопје

Судењето за предметот „Талир”, за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, денеска продолжи со сведочење на бизнисменот Силјан Мицевски од Битола, на барање на Обвинителството.

„Да, лично сум однел 10.000 евра кај премиерот Никола Груевски. За ВМРО-ДПМНЕ и индиректно сме донирале, за избори. Сме дале и на кошаркарскиот клуб МЗТ околу 70.000 евра. Требаше да платат некоја котизација за да не ги избришат од лигата и јас платив. Плативме не по наша иницијатива, туку по барање на одредени луѓе од партијата”, сведочеше денеска Мицевски пред Судот, кој се јавува и како оштетен во случајот „Меѓународен сојуз“.

Обвинението за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ го товари поранешниот премиер и партиски лидер Никола Груевски за „Злоупотреба на службената положба и овластување и за Перење пари и други приноси од казниво дело“. Покрај Груевски, кој е во бегство во Унгарија, обвинети се и Кирил Божиновски и екс-министерот Миле Јанакиески, кој е во куќен притвор.

Обвинителството денеска бараше Мицевски да опише, како што рече обвинителката Ленче Ристовска, „како му биле барани пари од првите луѓе на тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако ќе добиел некој тендер“.

„По наредба на премиерот или генералниот секретар на Владата се случувало да ми кажат: ‘Земете го тој и тој подизведувач’. Кирил Божиновски ми дал таква сугестија. Ми кажал на пример да го вклучам ‘Трансмет’ за ископ во Битола”, одговори денеска Мицевски.

Поради овој случај, за кое судењето почна во март годинава, со судска одлука е замрзнат имотот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и партиското седиште во центарот на Скопје.