Формирање Фонд за млади умови, воведување Закон за младинска гаранција, засилена практична настава и продолжување на исплатата од 3.000 денари месечно младински додадок се дел од клучните приоритети на кои Влада ќе се посвети во својот четиригодишен мандат со цел зголемување на вработеноста на младите, објави Владата во својата програма.
Главната задача, како што стои во програмата, е да ја вратат довербата на младите во извесна и сигурна иднина во државата, и токму затоа ќе водат таргетирани политики за зголемување на нивната вработеност.
Во програмата се наведува дека ќе продолжи исплатата од 3.000 денари месечно младински додаток, но и поврат на персоналниот данок на доход за сите нововработени под 30 години.
„Ќе продолжи исплатата од 3.000 денари месечно младински додаток за вработени млади лица до 23 години со завршено најмалку средно образование кои работат во производството. Исто така, ќе има и поврат на персоналниот данок на доход за сите нововработени под 30 години, во првите две години при што сретствата ќе се враќаат директно на нивна сметка“, стои во програмата за период 2020-2024.