Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж денеска се појави пред лондонскиот суд во продолжението на правната битка за да се избегне екстрадиција во САД, каде што би можел да добие затворска казна од 175 години. Случајот пред судот во Лондон беше одложен поради мерките за затворање и пандемијата КОВИД-19.
На сослушувањето, кое треба да трае четири недели, судиите ќе ги слушнат изјавите на претставниците на американското правосудство, со кои се тврди дека Асанж се обидел да ангажира хакери за да провалат во тајните владини досиеја. Американските власти го обвинија 49-годишниот Асанж за заговор за хакирање на владини компјутери и кршење на законот за шпионажа поради објавување на доверливи документи во периодот 2010-2011 година, пренесува Ројтерс.
Одложено сослушувањето за екстрадицијата на Асанж во САД
Адвокатот на Асанж тврди дека САД му понудиле помилување
Асанж се најде на меѓународните наслови во 2010 година, кога Викиликс објави американско воено видео, прикажувајќи напад со хеликоптер Апачи од 2007 година во Багдад, во кој загинаа десетина луѓе, меѓу кои и двајца новинари на Ројтерс.
Американскиот суд претходно го обвини Асанж за 18 точки од кои 17 вклучуваат шпионажа. Меѓу другото, Асанж е осомничен за заговор за собирање тајни дипломатски и воени документи. Неговите адвокати велат дека немале доволно време да го проучат новото обвинение на САД.