Неидентификувани мажи облечени во црно денеска наутро ја грабнале Марија Колесникова, водечка белоруска опозициска фигура, и ја турнале во минибус, објави нејзиниот изборен тим, повикувајќи се на сведоци, јави АФП.
Колесникова беше една од кампањските партнери на опозициската кандидатка за претседател на Белорусија, Светлана Тихановскаја. 38-годишната Колесникова е на чело на Координативниот совет кој повикува на мирен трансфер на власта среде повеќенеделните пост-изборни демонстрации во белорусија на кои се бара оставка од претседателот Александар Лукашенко.
Неидентификувани мажи ја заплениле Колесникова во центарот на Минск и ја избркале со минибус со назнака „Комуникации“, изјавија очевидците на седиштето на тимот за кампања што таа го предводи. Од нејзиниот тим соопштија и дека нејзиниот телефон е исклучен, јави АФП.
Од полицијата во Минск не дадоа коментар на овие информации од тимот на Колесникова.
Сведок, именуван како Анастасија, за веб-страницата за новини „Тут.би“ рече дека денеска околу 10 часот (7 часот по средноевропско време), видела како човек во црно ја турка Колесникова во минибус и ѝ го одзема телефонот.
За време на речиси едномесечните протести против изборните резултати, белоруските власти веќе приведоа неколку членови на Координативниот совет и ги испрашуваа другите, вклучително и Колесникова, во истрагата за наводен обид за преземање на власта.