Седницата на Европскиот совет, закажана за крајот на септември, ќе се фокусира на турското прашање и тензиите во Источен Медитеран, најмногу со идејата да се разгледаат санкции против Анкара. Тоа го изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан. Тој посочи дека заедно со неговите колеги од земјите членки на ЕУ веќе разговарале за „нивото на чекори што можеме да ги преземеме во однос на Турција“.
Турција почна истражување во водите меѓу Грција и Кипар на 10 август, зголемувајќи ги тензиите во стратешкиот коридор на источен Медитеран. Грција одговори со поморски вежби за одбрана на својата поморска територија, кои подоцна беа засилени со распоредување француски фрегати и борбени авиони. Спорот меѓу членките на НАТО ги потенцираше зголемените геополитички ризици во оваа област, бидејќи Турција спроведува поагресивна националистичка политика под претседателот Реџеп Таип Ердоган, јавуваат француски медиуми.