Новата систематизација во армијата ќе биде во формација соодветна на реалните потреби, одговори денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска на новинарско прашање за трансформацијата и најавените реформи. Таа потенцираше дека трансформацијата во армијата и одредените реформи во МО се дел од големиот пакет. Станува збор за реформи кои се очекуваат од МО според стандардите на НАТО како и задоволување на домашните потреби. Во нив спаѓа лесната пешадиска борбена група, како и потребата од хируршки тимови и тимови од специјалци. Според неа на хартија ќе се намали бројот на позиции во армијата, но ќе останат сите постоечки војници, односно ниту еден војник нема да остане без работа.
„Имаме офицери и подофицери кои беа распоредени во СИБРИГ, па ќе кажам дури ни требаат и повеќе луѓе. Бројката на хартија ќе се намали меѓутоа тоа е заради тоа што долги години таа на хартија била голема, а реално не сме имале ни толку војници, ни толку офицери. Со членството во НАТО очекувањата од секој војник, од секој офицер се многу повисоки“ изјави министерката.