Кредитната рејтинг агенција „Standard & Poor’s“ го потврди кредитниот рејтинг на Северна Македонија ББ- со стабилен изглед, соопшти Министерството за финансии.
Како резултат на директните и индиректните ефекти, од агенцијата очекуваат годинава контракција на македонската економија за 6%, по што во 2021 година ќе следи заздравување од 3,5%. Нивната оценка е дека светската економија годинава ќе има контракција од 3,8%, а еврозоната од 7,8%, каде што се лоцирани најголем дел од трговските партери на земјата.
Проекциите на кредитната рејтинг агенција се дека до крајот на годината државниот долг ќе изнесува 51% од БДП. Финансирањето на потребите, односно на проширениот дефицит како резултат на пандемијата и на обврските кои достасуваат, се обезбедени преку емисија на еврообврзницата во износ од 700 милиони евра и заемите од ММФ од 176 милиони евра и од Европска комисија од 160 милиони евра. Со овие задолжувања државата има целосно обезбедено финансиски ресурси за 2020 година, при што агенцијата нотира дека ќе останат финансиски средства што ќе се префрлат за следната година.
Во соопштението од Народна Банка е наведено дека во најновиот извештај на агенцијата „Стандард и Пурс“ e нагласено дека поставеноста на монетарната политика и мерките на Народната банка придонесуваат за неутрализирање на ефектите од пандемијата на ковид-19 врз македонската економија, како и дека банкарскиот систем останува стабилен.