Косовскиот премиер Авдулах Хоти во обраќањето до медиумите по потпишувањето на Договорот за нормализирање на економските односи, рече дека денеска во Вашингтон е потпишан историски економски договор со Србија.
Тој ја истакна важноста на договорот, бидејќи, како што вели, тоа е чекор поблиску до конечен договор и меѓусебно признавање.
Хоти вели дека договорот предвидува големи инфраструктурни проекти, вредни преку милијарда евра.
Претседателот на Србија, Вучиќ, пак, вели дека е потпишан билатерален договор меѓу Србија и САД, а третата страна, односно Косово, „не е признаена“.
„Договоривме добри работи за нашата земја. Ние тука нема од што да се плашиме“, рече Вучиќ по потпишувањето на договорот.
Тој вели дека со билатералниот договор директно се одредува односот на Србија со една од најголемите светски сили
„Се занимаваме со економски и некои политички прашања, но кои не се болни за нашата земја, вели Вучиќ.
Српскиот претседател рече дека договорот има 16 точки, кои, како што вели, не се исти за Србија и за Косово. Вучиќ вели дека во договорот веќе нема точки со кои се предвидува взаемното признавање.
Што содржи договорот?
„Косово се согласило на едногодишен мораториум на барањето членство во меѓународни организации, а Србија исто така се согласила една година да се откаже од кампањата со која бара држави да го повлечат признавањето на независноста на Косово“, е една од точките од договорот.
Првата точка од договорот за економска нормализација се однесува на автопатот Белград-Приштина. Двете страни се обврзале да го применат договореното за автопатот во договорот потпишан на 14 февруари, 2020, стои во денешниот договор.
Втората точка се однесува на железничката пруга од Белград до Приштина, како и на тоа дека треба да изработат заедничка студија за изводливоста на проектот за изградба на железничка инфраструктура до пристаништата на Јадранско Море.
Потоа се наведува дека Србија и Косово заеднички ќе работат со американската Меѓународна корпорација за финансиски развој и со ЕКСИМ банка, за да може да се спроведат на дело повеќе меморандуми –за изградба на автопати и железнички траси, како и за финансиски заеми за мали и средни претпријатија и друго билатерални проекти.
Во договорот стои и дека Косово ќе се придружи на „Мини шенген“. Станува збор за заедничката иницијатива на Србија, Албанија и Македонија од 2019, за слободен проток на стоки и луѓе. Двете страни се обврзале взаемно да си ги признаат дипломите и професионалните сертификати.
Двете страни се обврзале и на диверзификација на снабдувањето со енергија. Во договорот станува збор и за религиските слободи. Се обврзале на обнова на меѓурелигискиот дијалог, заштита на верските знаменитости и на примена на судските одлуки со кои се штити Српската православна црква, како и да се продолжи со реституција на имотите на жртвите на холокустот кои немаат наследник.
Во договорот се споменуваат и исчезнатите лица. Двете страни се обврзуваат да ги забрзаат напорите за пронаоѓање и идентификација на останки на исчезнати лица.