Поднесено обвинение за екс пратеничката Бонева за случајот „Друмарина“

Архивска фотографија - Силвана Бонева во Собранието на Северна Македонија

Скопското Основно јавно обвинителство денеска соопшти дека поднело обвинение портив поранешна пратеничка во македонското Собрание која се товари за продолжено кривично дело – измама. Од ОЈО информираат дека станува збор за предметот во јавноста познат како „Друмарина“, за кој истражната постапка ја водеше сега веќе расформираното Специјално јавно обвинителство.

Предмет се однесува на поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, која се товари поради измами поврзани со користењето на патни трошоци.

Според денешното соопштение од Обвинителството, обвинетата во периодот од 01 јануари 2011 до 16 декември 2015 година, како службено лице – пратеник во Собранието на Република Македонија, „со намера за себе да прибави имотна корист, сторила повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно повторување на исто кривично дело – измама“.

„Таа до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања заради присуство на седници, со што го довела во заблуда овластеното лице да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во вкупен износ од 6.458.551 денари (над 100.000 евра). Од почетокот на 2011 година обвинетата имала сместување – станови во Скопје и не патувала за присуство на секоја седница на Собранието, а лажните фискални сметки биле обезбедени од други лица кои патувале од Струмица и обратно. Потоа обвинетата овие фискални сметки ги приложувала кон налозите за службени патувања“, се наведува во соопштението на Обвинителството.