Американскиот претседател Доналд Трамп денеска во Овалната соба ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти и ќе присуствува на церемонијата на потпишување на документ од трилатералниот состанок, објави Белата куќа. Според Гласот на Америка, по средбата во Белата куќа, и Вучиќ и Хоти ќе се состанат индивидуално со американскиот државен секретар Мајк Помпео во Стејт департментот. Во соопштението на Белата куќа, издадено доцна синоќа, не е прецизирано што ќе биде потпишано, односно дали станува збор за договор.
Напредок на првиот ден од разговорите меѓу Белград и Приштина
По првиот ден од преговорите во Вашингтон, Советот за национална безбедност објави дека делегациите на Косово и Србија постигнале напредок. „Многу добра рунда разговори со лидерите на Србија и Косово. Економската нормализација значи работа за младите“, рече домаќинот на средбата Роберт О'Брајан по вчерашните разговори во Белата куќа во Вашингтон.