Бугарските граѓани се собраа синоќа на уште еден антивладин протест. Нивните главни барања се оставки на премиерот Бојко Борисов и на главниот обвинител Иван Гешев. Владејачката партија ГЕРБ на Борисов вчера соопшти дека тој нема да си поднесе оставка од функцијата премиер по немирите во претходниот ден. Демонстрантите ја обвинуваат владата за поврзаност со мафијата, дека толерира корупција и ја задушува слобода на говор.
Радев бара итна и безусловна оставка од Борисов
Борисов е премиер од 2009 година со кратки паузи, а неговиот трет мандат како шеф на владата истекува во март. Претходно бугарскиот претседател Румен Радев ја обвини власта дека режирала провокации, што дадоа повод за насилство врз новинарите и граѓаните. „Акциите на владејачкото мнозинство ја продлабочуваат кризата. Ги повикувам и демонстрантите и органите на прогонот да останат смирени и да не дозволат да бидат вовлечени во сценарио за опстанок на корумпираната влада. Протестот е единствената законска алатка против киднапираната демократија. Итната и безусловна оставка на владиниот кабинет е единствениот излез од кризата, подвлече претседателот Радев, во посебното обраќање по тензични протести во главниот град.
Борисов бара нов Устав и предвремени избори, па ќе си даде оставка
Во меѓувреме, Советот на Европа побара од бугарските власти да ги казнат напаѓачите на новинарите Дуња Мијатовиќ, комесарот за човекови права на Советот на Европа изјави дека насилството врз новинарите, особено од страна на државните агенти, е во спротивност со обврската на државите да ја почитуваат слободата на печатот и да ја штитат безбедноста на новинарите. Неколку новинари, наводно, биле претепани и изгазени во завчерашните судири во Софија меѓу полицијата и демонстрантите