Косовскиот премиер Авдулах Хоти оцени дека неговата вчерашна средба со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белата куќа е „голем чекор“ кон склучување договор меѓу Косово и Србија. Но, Вучиќ се спротивставил на, како што рече, напорите на Косово да ја принуди Србија да ја признае независноста на Косово и не е јасно што може да се очекува од денешниот втор ден од разговорите. Хоти им изјави на новинарите дека без оглед на тоа што беше дискутирано првиот ден, целта на Косово е меѓусебно признавање, додавајќи: „Денес направивме еден голем чекор“. „Можам да ве уверам една работа. Штетни и неприфатливи договори за Косово никогаш не дошле и нема да дојдат од Белата куќа“, рече Хоти.
Вучиќ - состанокот во Вашингтон нема да биде лесен
Вучиќ пак изјави дека се противи на документот што „содржи напис за признавање“ претставен за време на разговорите. „Мислевме дека тоа не треба да стои во документ за економска нормализација и тоа не можеме да го прифатиме. Луѓето од администрацијата на Трамп не послушаа, тие беа фер и верувам дека во другите документи тој напис веќе го нема “, изјави тој пред новинарите по завршувањето на сесијата. Тој им се заблагодари на американските домаќини што „се подготвени да ги слушнат приговорите на Србија“. „Ќе видиме дали ќе можеме да постигнеме договор“, рече тој.
САД немаат таен план за Белград и Приштина
Претходно истиот ден, Ричард Гренел, специјален пратеник на САД за преговорите меѓу Србија и Косово, рече дека „не е точно“ оти на Вучиќ му доставил документ што треба да го потпише во врска со независноста на Косово. Советот за национална безбедност на САД ги карактеризираше разговорите како „многу добра рунда“. Советникот за национална безбедност на Белата куќа Роберт О’Брајан по разговорите на Твитер изјави дека лидерите на Косово и Србија постигнале „вистински напредок“.