Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, назначи нови шефови на службата за безбедност КГБ, Советот за безбедност и Државниот комитет за контрола, пренесе новинската агенција Ројтерс.
Ова се случува во време кога илјадници граѓани протестираат во Белорусија против изборните резултати, според кои Лукашенко освои 80,1 процент од гласовите. Опозицијата одби да ги признае резултатите, тврдејќи дека е извршена изборна кражба, по што избија масовни протести во земјата, на кои демонстрантите бараа Лукашенко да си даде оставка.
Денеска во посета на Белорусија е рускиот премиер Михаил Мишустин. Белорускиот министер за надворешни работи, Владимир Макеи, кој вчера беше на разговори во Москва, им изјави на новинарите дека ставот на блискиот сојузник на Русија кон политичката криза во Белорусија помага да се спречи мешање однадвор во земјата.