Премиерот Зоран Заев вчера ја прими во прва посета во новиот мандат амбасадорката на САД, Кејт Брнс, која му честиташе за повторниот избор на оваа позиција и посака успешна работа на новата Влада, со очекување за континуитет и продлабочување на соработката меѓу двете земји.
Амбасадорката Брнс, во разговорот со премиерот Заев, истакна дека ова е прва нивна средба како НАТО сојузници и додаде дека нејзината земја е подготвена односите меѓу двете земји да ги подигнат на следно ниво со поддршка за директни инвестиции од САД, како и во соработката во сферата на енергетиката, дигиталната економија и сајбер безбедноста согласно безбедносните стандарди на НАТО, соопшти прес-службата на Владата.
Премиерот Заев истакна дека овој мандат почнува во сосема поинаков, многу подобар политички контекст, отколку во 2017, со обновена демократија, со решени спорови со соседите во година во која Северна Македонија стана членка на НАТО, и ги очекува преговорите со ЕУ.