Стотици студенти се собраа во главниот град на Белорусија, откако опозицијата повика на протести на првиот ден од новата учебна година. Студентите носеа забранети црвено-бели знамиња кои долго време беа симбол против владеењето на претседателот Александар Лукашенко. Најмалку 28 лица биле приведени во Минск додека полицијата се обидувала да ги растера демонстрантите, според групата за човекови права „Вјасна“.
Лукашенко е на власт 26 години, а беше прогласен за победник на претседателските избори на 9 август. Илјадници граѓани оттогаш протестираат против резултатите, велејќи дека изборите биле нерегуларни и дека победила Светлана Тихановскаја, која му беше противкандидат на Лукашенко. Демонстрантите бараат оставка од 66-годишниот лидер, ослободување на сите политички затвореници и слободни и фер избори.