Училиштата кои имаат услови може да организираат настава со физичко присуство

Министерката за образование и наука, Мила Царовска

Министерката за образование и наука Мила Царовска на денешната прес-конференција во Владата изјави дека учебната година може да почне со комбиниран модел и секаде каде што се исполнети условите од здравствените протоколи наставата ќе се реализира со физичко присуство во училиштата, независно од одделението и возраста на децата.

„Планот на Министерството за образование се базира за потребата да се добијат максимални придобивки за учениците, вработените во училиштата и пошироката заедница, а воедно да не дојде до ширење на ковид-19“, рече Царовска.

Таа ги повика општините да ги известат родителите и наставниците да ги разгледаат протоколите и понудената комбинираната настава. При ваков тип на настава во училниците ќе присуствуваат најмногу 20 ученици, со час од 30 минути во основните и од 35 минути во средните училишта, како и петминутен одмор помеѓу часовите.

Царовска додаде дека сè уште не знае колку од учениците ќе ја следат наставата со физичко присуство, а колку онлајн.

„Тој процент ќе се знае по 15 септември, бидејќи во моментов тече повикот кон сите основачи или сите општини и совети на училиштата, кои треба да се обратат до Комисијата во Владата, која треба да им одговори позитивно или негативно. Во тој момент ќе имаме пресек колку од нив стартуваат со физичко присуство, а колку ученици ќе ја следат наставата со учење од далечина“, рече Царовска.

Според неа, се работи и на воспоставување единствена национална онлајн платформа која ќе биде наскоро презентирана во јавноста.

Царовска вчера имаше средба со претставници на Сојузот на средношколци и со Иницијативата на родителите. Сојузот на средношколци претходно одржа протест против онлајн наставата, односно да има комбиниран модел во општините кои немаат многу заразени со коронавирусот.

Градинките, основните и средните училишта и факултетите беа затворени на 11 март годинава, како дел од мерките за спречување на ширењето на новиот коронавирус. Владата пред неколку дена донесе одлука школската година, наместо на 1 септември да почне на 1 октомври.