Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека по објавувањето на официјалните резултати на парламентарните избори во Црна Гора, тој ќе им честита на победниците и на оние кои обезбедуваат мнозинство во парламентот.
"Очекувам пристојна, нормална и добра соработка. Не верувам во каква било нестабилност, не верувам во никакви конфликти. Убеден сум дека Црна Гора ќе има сила да го зачува својот мир", изјави Вучиќ пред новинарите во Блед, Словенија, каде учествува на Бледскиот Стратешки форум.
Тој додаде дека е задоволен од „смирената, разумна и рационална реакција“ што ја покажува Србија, осврнувајќи се на реакциите на официјалните лица.
„И на Црна Гора и посакувам се најдобро и посакувам да има многу, многу блиски односи со Србија, како што отсекогаш сум сакал. Ние поблиски немаме“, рече Вучиќ, додавајќи дека и луѓето во Црна Гора сакаат да имаат најблиски односи со Србија, без оглед на која нација и припаѓаат.
Во Црна Гора владеењето на партијата на Ѓукановиќ под прашалник
По вчерашните избори во Црна Гора, по скоро три децении на власт, Демократската партија на социјалистите, партијата на прозападниот претседател Мило Ѓукановиќ, за прв пат се соочува да ја изгуби. Шанса за преземање на власта имаат политичките сили поврзани со српскиот национализам и проруската политичка ориентација.