Јас немам намера да поднесам оставка и се додека сум жив ќе се борам против оние мрачни сили кои му служат на Зоран Заев, изјави на денешната прес-конференција лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по иницијативата на дел од неговите сопартијци и поранешни функционери тој да си замине од функцијата по поразите на последните неколку избори.
„Нема да правам компромиси со криминалци и со сите оние кои седат во скутот на Заев и кои наместо да бараат промена на оваа криминална влада, бараат оставка од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Бараат вонреден конгрес, а немаат поднесено такво барање до архивата на партијата“, рече Мицкоски, нарекувајќи ги иницијаторите „печалбари во СДСМ и мафија“.
Последните десетина дена, поранешни и актуелни високи функционери на партијата, организирани во Иницијативен одбор за вонреден конгрес, бараат Мицкоски да ја преземе одговорноста за поразот на изборите и да се повлече од позицијата и да се направат реформи во партијата.
Мицкоски денеска на новата Влада ѝ порача дека ќе падне пред масовни граѓански протести.
„Ако ме прашувате каква иднина не чека, оваа влада нема иднина и ќе падне пред завршетокот на својот мандат на граѓански протести“, рече денеска Мицкоски.
Набргу потоа, реагираа од Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Тие рекоа дека „најпосакувано сценарио на Заев е Мицкоски да продолжи да ја води партијата во нови порази и после секој пораз да прогласува победи и да наоѓа оправдувања за пропустите.