Средношколците, предводени од Средношколскиот сојуз, денеска попладне ќе протестираат со барање учебната година на 1 октомври да почне веднаш со комбиниран модел на настава, а не онлајн, во општините кои немаат многу заразени со коронавирусот. Според организаторот, протестот ќе почне во 17.30 часот, пред Министерството за образование и наука, а потоа демонстрантите ќе заминат пред Владата, за каде се најавени обраќања на дел од средношколците.
Иницијаторите на протестот се против наставата да почне онлајн во сите средни училишта, како што е планирано, туку со комбиниран модел односно ротирање на средношколците во класовите на секои два дена (следење на наставата онлајн и физичко присуство) и пристапот да не биде централизиран, туку секоја општина да организира модел според епидемиолошката состојба односно број на заразени. Пред десетина дена претставници на Сојузот имаа средба во Владата, но не беше постигнат конкретен договор за моделот на настава.
Според најавите, на протестот покрај средношколци од ограноците на Сојузот низ државата, ќе им се придружат и наставници и родители.