Филипче: Градинките може од септември да почнат со работа

Министерот за здравство Венко Филипче

Градинките може да почнат со работа од септември, алгоритмите се подготвени, дури и при појава на случај на покачена телесна температура кај некое дете, изјави денеска во Македонска Каменица министерот за здравство Венко Филипче. Тој посочи дека комбинираниот модел е засега решение кое би го зачувало здравјето на децата, кое е приоритет на Владата.

„Потребно е само на владина седница да се донесе соодветна одлука по предлог на Министерството за труд и социјална политика за точниот датум за почеток на работат. Сега ми е навистина тешко да кажам, меѓутоа сметам дека може да почнат градинките уште во месец септември,“ изјави Филипче.

За почетокот на училишната година, Филипче истакна дека комбинираниот модел е засега решение со кое би се избегнало сценариото на заболени деца како во случаите на Германија и на Израел, кои ги повлекле ваквите одлуки веднаш. Тој истакна дека он лајн наставата е само една можност засега и дека учениците постепено ќе се вратат во училиштата.

„Во таа смисла, заради сега слободниот простор во училштата, само деца од прво до трето одделение, со согласност на родителите, а понатаму, согласно епидемиолошката состојба и следните групи, односно одделенија – за почеток, шесто одделение и прва година средно училиште, а понатаму согласно тоа како ќе биде бројот на пациенти во државата, состојбата со епидемијата“ додаде Филипче.

Тој посочи дека разговорите со средношколците, пак, биле конструктивни и иако можеби требало се одржат порано, сепак наишле на разбирање.