ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе се откажат од потпретседателите во Собрание

Зоран Заев од СДСМ и Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ на конститутивната седница на Собранието

ВМРО- ДПМНЕ ниту прифаќа, ниту ќе предложи потпретседател на Собранието, изјави денеска портпаролот на партијата Димче Арсовски. Тој посочи дека причините за тоа се економската неоправданост за големиот број на потпретседатели како и поради тоа што толкавата бројка на потпретседатели служи за тргување на со функции. Тој најави дека ВМРО – ДПМНЕ утре ќе учествува на седницата за избор на новиот владин состав и дека ќе гласа против.

„Апсолутно ќе учествуваме и ќе гласаме против. Во таа дебата во која ќе учествуваме имаме илјадници, илјадници причини каде што ќе дебатираме за старо новите кадри, криминални кадри на СДСМ кои што се исполнети со криминални афери, со непотизам и со ред други афери и скандали кои што ги следеа изминатите неколку години. Така да оваа влада која што ја предложи Зоран Заев како старо нова влада на СДСМ е крајно криминална, корумпирана и со низа скандали“, изјави Арсовски.

Претходно лидерот на СДСМ и мандатар Зоран Заев на новинарско прашање во Македонска Каменица одговорил дека доколку ВМРО-ДПМНЕ се откаже од своето право на потпретседател во Собранието тоа ќе го стори и СДСМ.

„Ако ВМРО-ДПМНЕ се повлече и ние ќе се повлечеме и ќе отстапиме простор на помалите еве, за да биде бројката и помала. Јас внимателно ја слушав нивната изјава, тие рекоа не го прифаќаме предлогот на Заев, тие можат да се повлечат, ќе видиме како ќе постапат, така ќе се однесуваме, поради тоа што на крајот одговорноста е на сите нас, изјави Заев .