Како Западен Балкан реагира на настаните во Белорусија?

Белорускиот претседател Александар Лукашенка и српскиот претседател Александар Вучиќ се поздравуваат по прес-конференцијата во Белград, на 03 декември 2019 година.

Претседателот на Србија пред само еден месец му се додворуваше на вооружениот авторитарен лидер во Минск. Но, тој, како и некои други лидери на Балканот, сега откако Белорусија ја зафатија протести, е многу молчалив.

Откако претседателот на Белорусија Александар Лукашенко, се обиде да го смири бранот лутина на јавноста поради неговото лошо работење и, како што велат неговите критичари, лажираните избори, се кренаа гласови низ цела Европа против насилството врз демонстрантите.

„Луѓето на Белорусија сакаат промена. И тие го сакаат тоа сега“, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен на 19 август, по немирите во Минск и во другите градови.

Нејзината изјава уследи по состанокот на ЕУ на кој беа ветени политичка поддршка и милиони евра за да им се помогне на Белорусите кои се отпуштени, приведени и тепани за мирното демонстрирање.

Лукашенко бара спас во геополитиката, Западот ја научи лекцијата

Премногу е рано да се каже колку активно соседната Русија и Западот конечно ќе одговорат на невидените повици на Белорусите за демократски промени во една од најмалку реформираните земји во пост-советскиот свет.

И, секако притоа нема да бараат идеи од земјите наследнички на Југославија кои со нетрпение сакаат да влезат во ЕУ.

Битка со мудрости: Демонстрантите стануваат креативни во Белорусија

Владите на Балканот - регион со свои драматични искуства околу демократските реформи - се некарактеристично молчаливи.

Само привремената влада на Северна Македонија експлицитно зазеде страна и најгласно ги поддржа санкциите на Брисел за казнување на претседателот Лукашенко и неговиот режим по обвинувањата за местење на претседателските избори.

Одговорите на властите во Србија и соседите Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора се повеќе придушени - веројатно за да не го испровоцираат партнерот на Белорусија, Русија, која има особено блиски односи со Белград.

Макрон предлага посредување на ЕУ во Белорусија, со вклучување на Русија

Флоријан Бибер, автор на книгата „Подигање на авторитаризмот во Западен Балкан“ вели:

„Не е изненадување што лидерите на [Западен Балкан] молчат, особено [српскиот претседател Александар] Вучиќ, бидејќи врзувањето со Лукашенко е стратегија со висок ризик ... [тоа] ќе го доведе во колизија со ЕУ“.

Крикет во Белград

Дилемата за тоа како јавно да одговорат на белоруските протести е најстрашна за Србија, која пред само еден месец ги имаше сопствените постизборни протести против претседателот кој му се додворуваше на Лукашенко.

Блиските врски на Србија со Москва беа извор на загриженост кај Западот, а критичарите го обвинуваат Вучиќ дека се откажал од слободните медиуми и владеењето на правото наместо да ги прифаќа вредностите на ЕУ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и белорускиот претседател Алeксандaр Лукашенкo во Белград,, 3 декември 2019 година.

Стоејќи заедно со Вучиќ во Белград во минатиот декември, Лукашенко се пофали дека српскиот и белорускиот народ се „обединети со вековни врски и исти визии за иднината“.

„Горди сме на нашите белоруски пријатели“, истакна Вучиќ за белоруската државна телевизија.

Оттогаш, делумно бојкотираните избори во јуни, предизвикаа протести на опозицијата и заострување на ситуацијата во Србија.

Вучиќ исто така ја забави својата стратегија кон Европската унија на сметка на помалку демократскиот ривал Русија и комунистичката Кина, иако притоа се обидува да не ги загрози надежите на Белград за членство во ЕУ.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Протест пред парламентот на Србија

Но, Вучиќ се воздржа од секоја честитка до белорускиот претседател и избегна да го спомене патувањето во Минск што вети дека ќе го стори по изборите.

Засега претпазливиот пристап на Москва кон белоруските немири се чини дека го остави Белград во претпоставки.

Не сите молчат во Србија

Голем број невладини групи, активисти и една мала опозициска партија во Србија не се воздржаа од изразување поддршка за белоруските демонстранти.

Претседателот на проевропската Нова партија Урош Елековиќ, се потпиша на заедничката изјава во која се критикува „газењето на демократските принципи, слободата на говор и слободата на медиумите“.

Активисти од Младинската иницијатива за човекови права во Белград положија цвеќе на влезот во белоруската амбасада.

На 14 август тие рекоа дека „нема пријателство“ со Лукашенко, кого го обвинија за „жртвување на животите и слободите на граѓаните за да остане на власт засекогаш“.

Притоа беа повикани Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ да ги откажат заедничките воени вежби со Белорусија и „да ѝ се приклучат на меѓународната иницијатива, предводена од Европската унија, да најдат демократски, мирен пат за излез од кризата во Белорусија “.

Хоџис: Србија не треба да ја замени својата зависност од Русија со зависност од Кина

Со релативно слабите трговски и енергетски врски помеѓу Белорусија и Србија, голем дел од интеракциите се: неколку донирани авиони од типот МиГ-29 и некаков безвизен режим.

Но, еден од постојаните приоритети на надворешната политика на Белград е неговото дипломатско спротивставување на декларацијата од 2008 година за суверенитетот на Косово.

„Однесувањето на српските власти во однос на Лукашенко не е нелогично, имајќи ја предвид долгорочната соработка и меѓусебната поддршка и разбирање, особено имајќи предвид дека српската дипломатија се заснова врз грижата да не се критикуваат државите кои ја поддржуваат политиката на Србија кон Косово “, вели Бојан Стојановиќ, од белградскиот Центар за човекови права, за РСЕ.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Протести во Белград - демонстранти во српското собрание

Овој центар објави порака на Инстаграм во која се поздравува „борбата и силата на младите“ во Белорусија во потрага по „вистината, добрината и вистинските вредности“.

„Една од работите што Белград ќе го заинтересира е дали, ако падне Лукашенко, неговиот наследник би можело да ја преориентира надворешната политика на земјата кон Западот и дали тоа може да доведе до признавање на Косово“, оценува Џејмс Кер-Линдзи.

Претежно молчеливо, но со контрасти

Северна Македонија која со изборите на 15 јули, се чини ја консолидира западната траекторија е поконкретна во врска со случувањата во Белорусија.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров објави пофалби за „решеноста на Белорусите за демократски промени“ што, како што вели, ги прави „денешни херои на Европа“.

Тој, исто така, ја поздрави подготвеноста за санкции против режимот на Лукашенко за казнување на „насилството и измамата на изборите“.

Белоруската полиција ги растера демонстрантите во Минск

Во Босна и Херцеговина, српскиот член на трипартитното претседателство на таа земја Милорад Додик, брзо ги упати своите „најтопли честитки“ до Лукашенко и посака „континуирана соработка на билатерално и мултилатерално ниво“ за „зајакнување на пријателските и братски односи меѓу двата народа“.

Но, целото босанско претседателство и Министерството за надворешни работи ги поздравија официјалните резултати според кои, Лукашенко освои околу 80 проценти од гласовите - со молчење.

Во Црна Гора, друга земја-кандидатка за ЕУ со значајна проруска опозиција, официјалните претставници рекоа дека ги следат „со особено внимание релевантните информации за прекумерната употреба на сила против мирните демонстранти“ во Белорусија.

Сепак, тие не ги осудија постапките на Лукашенко ниту пак експлицитно ги поддржаа напорите на ЕУ за санкции.

Владата на Косово, најновата држава во Европа, молчи во врска со Белорусија.

Нејзиното внимание е насочено повеќе на сопствените напори да се добие признание од Србија и меѓународните тела додека го апсорбира неодамнешниот удар кога моќниот претседател Хашим Тачи е под обвинение за наводни воени злосторства кои вклучуваат убиства и тортури кои датираат од војната на Косово за независност во 1998-99 година.