Средношколскиот сојуз не отстапува од закажаниот протест в понеделник (31 август) и покрај тоа што со вчерашната одлука на Владата почетокот на учебната година е одложен за еден месец односно за 1 октомври. Сојузот бара почетокот веднаш да биде со комбиниран модел на настава, а не онлајн, во општините кои немаат многу заразени со коронавирусот.
Владата пред неколку дена одлучи учениците до трето одделение да одат на настава во училиште, со претходна дозвола од родителот, а останатите да имаат онлајн настава.
Претседателот на Сојузот Бленди Ходаи за МИА изјави дека учебната година да почне на 1 октомври бил нивни предлог кога нивни претставници беа на средба во Владата, затоа што сметале дека треба да има повеќе време надлежните да подготват комбиниран модел на настава за кој тие се залагаат.
Иницијаторите на протестот се против наставата да почне онлајн во сите средни училишта, како што е планирано, туку со комбиниран модел односно ротирање на средношколците во класовите на секои два дена (следење на наставата онлајн и физичко присуство) и пристапот да не биде централизиран, туку секоја општина да организира модел според епидемиолошката состојба односно број на заразени. Инсистираат на комбинирана настава и затоа протестот не го откажуваат.