Поранешниот командант на војската на босанските Срби, Ратко Младиќ денеска ќе се обрати пред Хашкиот суд по жалбата против неговата доживотна казна затвор за геноцид. Според правилата на жалбениот процес, на Младиќ му е дозволено да се обрати пред судот 10 минути на крајот од вториот и последниот ден од сослушувањето.
Адвокатите тврдат дека Младиќ е ментално неспособен за судење
Обвинителот Лорел Баиг денеска побара од судиите во Хаг, Холандија, да ја потврдат пресудата на 77-годишниот Младиќ, велејќи дека тој „бил надлежен за операцијата Сребреница, Сребреница е операција на Младиќ“.
„И судот беше во право да заклучи дека тој е одговорен за овие злосторства. Тој ги искористи силите под негова команда за да егзекутира илјадници мажи и момчиња“, рече обвинителот.
Младиќ ја обжали пресудата од 2017 година кога беше осуден на доживотен затвор за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства во војната во поранешна Југославија, вклучително и за геноцидот во Сребреница во 1995 година, кога беа убиени околу 8000 лица. Тој беше уапсен во 2011 година по неколкугодишно бегство.