Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја закажа седницата за избор на Влада во сабота во 11 часот. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска до Собранието го достави предлогот за владиниот кабинет и програмата на новата Влада. Заев изјави дека очекуваме квалитетна дебата во Собранието и дека предлозите за министри ќе го добијат потребното мнозинство, по што веќе, следната недела државата ќе има нова влада.
Заев: Сите кадри ќе ги задолжам со конкретна мисија и цели
Шест министри во Владата ги задржуваат истите позиции- Радмила Шекеринска- одбрана, Венко Филипче- здравство, Оливер Спасовски, техничкиот премиер се враќа во Министерството за внатрешни работи, Насер Нуредини останува во животна средина, Крешник Бектеши во економија и Горан Милевски во локална самоуправа.
Нови министри, пак, стануваат Бојан Маричиќ во правда, Ирена Стефоска во култура, Јагода Шахпаска во труд и социјала, Благој Бочварски во транспорт и врски, Артан Груби, кој ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Аријанит Хоџа во министерството за земјоделство и Јетон Шаќири министер за информатичко општество и администрација. Бујар Османи оди во Министерството за надворешни работи, а Никола Димитров ќе биде задолжен за европски прашања. Поранешната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска сега ќе го води секторот образование, а Фатмир Бесими ќе биде министер за финансии.