Тестовите извршени врз рускиот дисидент Алексеј Навални во германската болница „Черити“ покажуваат дека тој бил отруен, но докторите денеска велат дека не веруваат дека неговиот живот е во непосредна опасност, јавува агенцијата Асошиејтед Прес.
Болницата во која е Навални денеска во соопштение наведува дека тимот од лекари кои го лекуваат нашле присуство на инхибитори на холинестераза во неговиот ситстем. Инхибиторите на холинестераза се користат во повеќе супстанци, но исто така и во пестициди и во нервен гас. Како и да е, докторките велат дека во моментот конкретната супстанца на која бил изложен Навални е непозната.
“Пациентот е на интензивна нега и се уште е во индуцирана кома. Неговата состојба е сериозна, но во моментов нема опасност за неговиот живот“, се наведува во соопштението.
Навални беше пренесен во Германија на 22 август од Сибир, каде што му се слоши на домашен руски лет, а руските лекари тврдат дека имал метаболичко нарушување. Соработниците на Навални, пак, сметаат дека тој е отруен откако испил чај на аеродромот во Томск на кој се качи во авион за Москва. Но, авионот вонредно слета во Омск откако на Навални му се слошило за време на летот. Претходно германските власти соопштија и дека е зголемено обезбедувањето во болницата во која што се лекува.