ВМРО-ДПМНЕ денеска во соопштение тврди дека Антонијо Милошоски е цел на прогон од Заев и СДСМ, само затоа што, како што наведуваат, е пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и затоа што отворено зборува за криминалите на Заев, спрегата на Заев со обвинителството и судството.
„Заев и СДСМ алатките на власта ги користат само за репрекусии и притисоци врз сите политички неистомисленици“, наведуваат од опозициската партија.
Според нив целта на власта е да се заплашат луѓето и да се влијае врз пратениците.
Оваа реакција од партијата следува откако денеска скопското обвинителство поднесе обвинение против Милошоски и уште две лица за предметот „Моќник“, во кој се поднесени и обвинителни предлози за уште 10 лица. Според Обвинението, сите 13 лица се товарат за вмешаност во нелегална продажба на објект во село Ижишта, Општина Македонски Брод, кој го користела општина Пласница.
Двајца од обвинетите се обвинети дека сториле „измама“, а третообвинетиот, Антонијо Милошоски, „измама“ и „злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 2 од Кривичниот законик“, каде најниската казна е 5 години затвор. За „Моќник“, кој е еден од случаите отворени од поранешното СЈО, истрагата ја водеше обвинителката Фатиме Фетаи.