ДКСК го завршила предметот за Ангеловска и Еуростандард банка

Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК

По денешната седница, претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, соопшти дека Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) не утврдува кривична одговорност, но од етички аспект го покренува прашањето од високо ниво и ќе препорача да се доуредат прописите, особено меморандумот за соработка помеѓу Народната банка и Министерството за финансиии и остантите регулаторни тела, со тоа што ќе се додадат уредби со кои ќе се регулира судирот на интереси, ќе се предвиди како тој да се спречи особено оној момент каде што се кажува дека одредени носители на функција имаат можност да располага со информации и истите да ги искористи за себе или да обезбеди корист за некој друг.

Ова следува откако Антикорупциска отвори предмет дали министерката за финансии Нина Ангеловска, имала информации за Еуростандард банка, па си ги повлекла парите од сметка. На денешната седница на ДКСК бил разгледуван предметот за можен судир на интереси со стечајот на Еуростандард банка и депозитот на министерката Ангеловска.

Иваноска рече дека заклучокот е донесен врз основа на целокупната документација прибавена од Министерството за финансии и од Народна Банка.

„Со стапување на функцијата, министерката за финансии по службена должност располагала со информации и податоци за движењата на банкарскиот и на финансиските пазари и имала можност да ги дознае податоците поврзани со банката, каде таа е клиент, а не биле достапни на другите штедачи во таа банка. Овие инфорации податоци можеле да имаат влијание врз донесувањето на нејзината одлука поврзана со депозитот во таа банка, со што таа имала предност пред останатите штедачи во банката“, изјави Ивановска.