Средношколскиот протест против целосна онлајн настава одложен за 31 август

Фотографија од средбата на претставници на средношколците со претставници на Владата за моделот на настава одржана на 22 август 2020 година.

Сојузот на средношколците соопшти дека протестот против владината одлука за целосна онлајн настава се презакажува од 28 за на 31 август, поради празникот Голема Богородица.

„Протестираме против одлуката за целосна онлајн настава. Се залагаме за комбиниран модел, каде што дозволуваат условите да се применуваат различни локални методи. Рутата на протестот останува иста – започнуваме пред МОН, а протестот завршува пред Владата на РСМ“ , соопшти Сојузот.

Средношколците се одлучија за протест веднаш по средбата со владините претставници во саботата кога не беше прифатено нивното барање за комбиниран модел на настава.

„Имајќи го предвид големиот христијански празник Голема Богородица, Сојузот на средношколци ја информира јавноста дека протестот е одложен за понеделник, 31 август. Бараме разбирање од јавноста со оглед на важноста на празникот“, известуваат од Сојузот во своето соопштение.