Министерката за финансии Нина Ангеловска денеска соопшти дека 309.337 граѓани ја искористиле домашната платежна картичка, а вкупниот реализиран промет изнесува 26,5 милиони евра.
Според сумираните податоци што ги објави Ангеловска на Фејсбук, од околу 330 илјади кои биле на листите, платежната картичка ја зеле 309 илјади граѓани, додека од вкупно префрлените 28,3 милиони евра кон банките, искористени се 26,8 милиони евра за издадени картички. Од нив, како што пишува Ангеловска, 26,5 милиони евра се потрошени за купување на домашни производи, а разликата, ќе биде вратена во Буџетот.
Домашната платежна картичка најмногу користена за во маркети
Најголема реализација или 97 проценти има кај невработените лица и здравствените работници, а најниска кај младите лица (90 проценти). Поточно, на 113 илјади невработени и приматели на социјална помош им се доделени 16,5 милиони евра, на 111 илјади вработени со ниски примања- 5,4 милиони евра, на 81 илјада млади- 4 милиони евра и на 4 илјади здравствени работници- 900 илјади евра.
Граѓаните кои ги имаат домашните платежни картички ќе можат и понатаму да ги користат како нормални дебитни картички.
Најавен трет сет мерки, нејасни ефектите од првите два
Како дел од третиот сет економски мерки што ги презема Владата за спрачување со последиците од кризата предизвиката од ковид-19 врз економијата се и домашните платежни картички. Ваква картичка добија луѓе со ниски примања, граѓани со мали плати, ученици и студенти и здравствени работници кои се ангажирани во справување со коронавирусот.