Силите на меѓународната коалиција предводена од САД се повлекоа од воена база Таџи во Ирак и контролата врз неа ја предадоа на домашните безбедносни сили. Базата која се наоѓа на 20 километри од Багдад беше цел на ракетни напади од страна на милитантите поддржани од Иран во последните месеци.
„Повлекувањето на воениот персонал на коалицијата е дел од долготрајниот план координиран со Владата на Ирак“, соопшти меѓународната коалиција, додавајќи дека во воената база биле распоредени до 2000 нејзини припадници, од кои најголем дел се повлекле летово.
Ова беше осми трансфер на припадници на меѓународната коалиција од ирачката база на домашните сили, се наведува во извештајот.
Американскиот претседател Доналд Трамп го повтори ветувањето за повлекување на американски трупи кои се уште се во земјата. Соединетите држави имаа стационирано околу 5.000 војници во Ирак, а сојузници на коалицијата уште 2.500.