Од СДСМ денеска соопштија дека новата Влада предводена од партијата и нејзиниот лидер Зоран Заев, која, како што наведуваат, е составена од одговорни, чесни, отчетни и професионални кадри, во наредниот четиригодишен мандат, посветено ќе работи на реализација на зацртаните програми, а пред се на економскиот раст и развој.
„На прво место на агендата на новата влада е новата развојна македонска економија, која ќе обезбеди јакнење на стандардот на сите граѓаните.Во наредните четири години ќе продолжи растот на платите, вложувањата во нови работни места, континуираната поддршка на домашниот приватен сектор и привлекување на странски инвестиции“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Нова влада со старо нов состав
Од партијата посочуваат дека новата Влада продолжува со вложувањата во младите и во рамномерниот регионален развој, посветена на грижа за сите граѓани, а особено на најсиромашните. Според СДСМ, членството во НАТО и интеграцијата во Европската унија носат стабилност и поттик за интензивен економски раст на државата.
Шест министри во Владата ги задржуваат истите позиции- Радмила Шекеринска- одбрана, Венко Филипче- здравство, Оливер Спасовски, техничкиот премиер се враќа во Министерството за внатрешни работи, Насер Нуредини останува во животна средина, Крешник Бектеши во економија и Горан Милевски во локална самоуправа. Нови министри, пак, стануваат Бојан Маричиќ во правда, Ирена Стефоска во култура, Јагода Шахпаска во труд и социјала, Благој Бочварски во транспорт и врски, Артан Груби, кој ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Аријанит Хоџа во министерството за земјоделство.
Има и неколку ротации- Бујар Османи од вицепремиер за европски прашања оди во Министерството за надворешни работи, од таму во ресорот кој досега го водеше, заминува досегашниот министер за надворешни работи Никола Димитров. Поранешната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска сега ќе го води секторот образование, а Фатмир Бесими, кој досега во различни влади беше министер за економија, за одбрана и вицепремиер за европски прашања, сега ќе биде министер за финансии. Листата беше заокружена со Јетон Шаќири кој по предлог на ДУИ ќе биде министер за информатичко општество и администрација.