Судењето за организаторите на настаните од 27 април во Собранието ќе продолжи на 26 август, откако на денешното рочиште одбраната почна со презентирање на материјални докази. За следното рочиште треба да почне сослушувањето на околу 50 сведоци кои ги предложила одбраната на еден од обвинетите, поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, меѓу кои се и голем број поранешни пратеници.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Судот на денешното рочиште го прифати барањето на одбраната за сослушување на Маријан Стоилковски – началник на дигитална форензика во МВР за време на изготвување на вештачењата на мобилните телефони, но не го прифати барањето за нивно издвојување од листата на докази. Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.