ВМРО-ДПМНЕ против Џафери, Алијанса ќе си излезат кога ќе се гласа

Конститутивна седница на Собрание на Република Северна Македонија

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, денеска од собраниската говорница соопшти дека неговите колеги пратеници нема да гласаат за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието. Според Мицевски, кој беше координатор на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ од претходниот состав, рече дека во изминатиот период Деловникот бил постојано прекршуван и обвини дека 40 отсто од законите биле носени по скратена постапка со што била оневозможена дебата. Тој рече дека „Џафери неуспешно го менаџирал целиот процес и токму затоа нема да гласаат по предлогот тој да биде избран за претседател на Собранието“.

И Алијанса за Албанците се изјаснија дека нема да му дадат поддршка на Џафери за собраниски спикер. Од партијата соопштија дека нивните пратеници нема да присуствуваат во изборот на Џафери за претсeдеател на Собранието затоа што, како што рекоа, „не сакаат да учествуваат во изборот на функционер со вреќа на украдени гласови од страна на ДУИ“.

На ова од собраниската говорница реагираше пратеникот Изет Меџити од ДУИ кој рече дека немалу ниту еден доказ за какво било фалсификување на волјата на граѓаните.

Излагањата на Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ и на пратениците на Алијанса беа дел од дискусијата на денешното продолжение на Конститутивната седница на Собранието на Република Северна македонија.