Претседателката на Европската комисија Урсула вон дер Лејен денеска, по вонредниот самит на Европската Унија за состојбата во Белорусија, рече дека го поздравува изборот на белорускиот народ да го одреди својот политички пат. „Белорускиот народ сам треба да одлучи и одреди како сака да ја обликува својата земја“, рече таа. Вон дер Лејен потврди и дека институцијата која ја води одвоила 53 милиони евра за Белорусија која ќе биде наменета за помош на жртвите на репресијата и државното насилство, за засилување на граѓанското општество, независните медиуми, како и за итна помош на здравствениот сектор.
Шефот на Европскиот совет Шарл Мишел соопшти дека 27-те земји членки на Европската унија не ги признаваат резултатите од претседателските избори во Белорусија и планираат да воспостават санкции кон оние кои биле вклучени во изборната измама и во репресијата врз оние кои излегоа на протестите по изборите.
Претходно денеска лидерката на опозицијата во Белорусија и кандидатка за претседателка на Белорусија Свјатлана Циханускаја која ја напушти земјата и замина во Литванија, побара од лидерите на ЕУ преку видео обраќање да го поддржат будењето во нејзината земја и да го почитуваат изборот на белоруските граѓани кои излегоа на протести веднаш по контроверзните избори што се одржаа на 9 август.