Песков: Нема потреба Русија да ѝ помага на Белорусија

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Кремљ објави дека нема потреба Русија да ѝ помага на Белорусија, воено или на друг начин, сега за време на немирите во врска со претседателските избори на 9 август, за кои демонстрантите велат дека биле лажирани, јави Ројтерс.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на видео-конференција со новинарите, рече дека самата Белорусија засега не гледа потреба од руска помош. Тој обвини неименувани странски сили за мешање во Белорусија и рече дека таквото мешање е неприфатливо.

Последните 11 дена илјадници демонстранти излегоа на улиците, барајќи оставка од претседателот Александар Лукашенко, откако тој објави убедлива победа на изборите. Белорусија и Русија се блиски сојузници и членки на т.н Договор за колективна безбедност, пишува Ројтерс.